Нашето училиште повторно блесна во полн сјај, учениците со ведри и насмеани лица се вратија во училишниот двор, одморени полни со енергија повторно го создадоа препознатливиот детски џагор. Придружени од своите родители и останати гости го започнаа првиот училишен ден.
И овој септември ние наставниците како носители на просветната дејност чувствуваме посебна возбуда и посебна одговорност да им го направиме полесен и поубав воспитно-образовниот процес на нашите наследници, а со тоа и да го исполниме општествениот долг што ни го оставиле нашите претходници.
Од овој прв ден и од чувствата што ќе им се создадат на овој ден на нашите првачиња, ќе зависи големината на љубовта со која ќе му пријдат на училиштето и желбата за сериозен пристап кон новите обврски што им престојат.
наша задача и обврска е да им создадеме услови за учење, да им обезбедиме простор и време за стекнување на нови знаења и нивна примена и да им дадеме можност да навлезат во светот на возрасните подготвени за сите предизвици што следуваат.
Ова утро бевте истовремено и возбудени и среќни и во очекување и неизвесност што ли ќе се случува на овој ден, ден за кој и вие и вашите родители сте се подготвувале толку долго.
Па ете драги наши нови “каревци” денот започна, со лесни чекори влеговте во училиштето и се почуствувавте дел од нашето многубројно “семејство”.
Никогаш не плашете се да кренете рака и да поставите прашање ако нешто не разбирате или не ви е јасно. Ние сме тука за вас, за да пробаме да ви објасниме се што знаеме и умееме. Не е срамно ако нешто не сте разбрале и не сте совладале, впрочем затоа и одите на училиште, да научите.
На сите првачиња, и на сите ученици од нашето училиште им посакуваме успешен почеток на оваа учебна година.
Среќно!

