ООУ Никола Карев – Радовиш
- Училиштето Никола Карев како засебен воспитно-образовен субјект за првпат се појавува на 1 јануари во 1976 год., иако учебната 1975/76 веќе била почната, со одлука на Советот на Општина Радовиш од 16.10.1975 г. било констатирано “разделување на дотогашното едно централно основно училиште“ на две посебни централни основни училишта. Од тој момент па се до почетокот на учебната 1984/85 училиштето работи како посебно правно лице, за да таа година повторно дојде до здружување на двете училишта во еден субјект како РО “Гоце Делчев“. После седум години, односно во 1991/92 повторно доаѓа до раздружување, и од тој момент па до сега училиштето Никола Карев работи како посебен правно-административен субјект со основна дејност образование. Со решение (арх.бр. 10-4000/1) на Министерство за образование и физичка култура на 27.10.1997 год. Училиштето е верифицирано за вршење на својата основна дејност.
- Централен училишен објект – седиште на институцијата:
– координати (41○38’25’’ С.Г.Ш. & 22○27’47’’ И.Г.Д.) – Училиштето се наоѓа во централниот дел на градот излегувајки директно на три улици – “Стојмен Трајков“ на југоисток, “Кеј 8 Септември“ на југозапад и “Илинденска“ на северозапад, на североисток се наоѓа градскиот стадион. Целата катастарска парцела зафаќа вкупна површина од над 10 000 м2, Главната училишна зграда е поделена на две ламели – стара зграда (1991/92) и нова зграда (2008 – 2012г.). Покрај училишните згради кои се споени во еден објект, уште има и спортска сала која е изградена пред повеќе од 70 години (на користење за образовни и фискултурни потреби е дадена во 1958 г.) и истата има доградување на санитарни јазли и неколку санации и реновирања досега. Загревањето на дводелниот училишен објект и салата се одвива со централен топловоден систем со котелски погон на нафта (од скоро во главниот објект и со инвертер клима уреди); Во учебната 2024/25 на стартот има вкупно 555 ученика сместени во 15 паралелки за одделенска настава по три во сите пет активи од I до V одд. и 15 паралелки во предметна настава. Покрај изградените објекти во училиштето има уште и две спортски игралишта (ракомет – мал фудбал и кошарка), новоизграден паркинг простор за вработените како и огромен дворски простор.
- Во состав на училиштето, работат и 4 подрачни училишта:
– с.Раклиш – со одлука на Совет на Општина Радовиш (на наше барање), е донесена одлука за привремено одземање на корисничкото право над објектот, бидејки веќе две, ова трета учебна година нема интерес за запишување на деца во истотот, поради што во моментот исто не работи;
– с. П’рналија – 22 ученика(2 комбинирани паралелки – 1, 2 & 3 и 4 & 5 одд.)
– с. Тополница – 24 ученика(2 комбинирани паралелки – 1,2&3 и 4 & 5 одд.)
– с. Бучим – 28 ученика(една чиста и две комбинирани паралелки – 1(посебна) – 2 & 3 – 4 & 5 одд.)
*** податоците се за актуелната учебна 2024/25 год.
- Во рамките на ООУ Никола Карев Радовиш веќе точно 40 години функционираат и паралелки за Основно музичко образование кој се верифицирани за работа со арх.бр. 10-1566/5 на Министерство за образование и физичка култура од 15.12.1995 г. Иако по програма (два отсеци за практична настава – пијано деветгодишно образование и хармоника шестгодишно образование, како и солфеж со елементарна теорија и солфеж – теорија на музиката) работат како и сите други основни музички училишта во државата, па дури се верифицирани за својата дејност две години пред самото училиште, сепак П ОМО сепак не се посебен правен субјект и се дел од училиштето ООУ Никола Карев. Вреди да се спомне дека П ОМО при ООУ Никола Карев Радовиш, се добитници на највисокото општинско признание за долгогодишна успешна работа и афирмација на Општина Радовиш и град Радовиш“ 6ти ноември“
- Училиштето е управувано од Училишен Одбор (актуелен претседател: Ѓурѓа Јосева) – 7 члена со право на глас и 2 члена(ученици) без право на глас. Раководено од директорот на училиштето (актуелен директор: Кире Јанковски). За вршење на административните работи во училиштето се грижат двајца вработени – секретар и благајник. Во стручната служба се вработени – педагог, психолог и специјален едукатор и рехабилитатор – дефектолог, имаме и еден библиотекар. Во помошно-технички персонал опслужуваат вкупно 14 лица – 1 хаус-мајстор и 13 хигиечничари (тројца од нив се во подрачните училишта по едно лице).
***ЗАБЕЛЕШКА: На 8 Февруари 2006 година училиштето беше зафатено од силен пожар кој до темел ја изгоре старата и дотраена зграда, патем за среќа, освен материјалната штета немаше жртви, ниту пак посериозно повредени ученици или вработени …
