April 9, 2026

ПАТРОН

ЗА ПАТРОНОТ НАШ

Македонскиот револуционер Никола Јанакиев Карев е роден на 23 ноември 1877 година во Крушево, во мошне сиромашно семејство. Поради сиромаштијата бил принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак, а на 16 години заминува за Бугарија каде работи во столарската работилница на Васил Главинов. Потоа се враќа во Македонија, каде што се дошколува и станува учител во селото Горно Дивјаци а потоа во крушевската прогимназија.

Во исто време, Карев активно се вклучува во македонската револуционерна организација и станува раководител на Крушевскиот револуционерен комитет.
Во пресрет на Илинденското востание, и покрај тоа што бил против негово кревање, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен за тоа, по одлуката да се крене востание, зел активно учество во подготовка и организација на востанието.

Спроти Востанието, тој објавува Проглас во кој го повикува народот на востание.

“….Браќа, чашата на трпението се прелеа, пламнаа нашите срца и ние, синовите на страдалниот наш народ за да ги исполниме светите завети на нашите дедовци и прадедовци, се органзииравме, дадовме заклетва за верност до смрт и востанавме да и дадеме мир на нашата маченичка мајка Македонија, чија земја е натопена со солзите, потта и крвта на нејзините синови и ќерки и да издвојуваме слобода, леб и човечки правдини…”

После ослободувањето на Крушево, Карев бил на чело на новата востаничка власт, поради што и му се припишува функцијата на прв Претседател на македонската република – „Крушевската република“.  Никола Карев загинува на 27 април 1905 година во месноста Свиланово во близина на селото Рајчани (Кочанско).
На 50-годишнината од одбележувањето на Илинденското востание, неговите посмртни останки се префрлени во родното Крушево, а на 11 април 1990 година се сместени да почиваат во споменикот „Илинден“ уште познат и како „Македониум“ со што македонскиот народ достојно се оддолжи на својот голем син, учител и заштитник.