Денес, нашето партнер училиште – SFQ “Përparimi” / ООУ “Напредок“ од с. Чегране, Гостивар имаше активност – САЕМ НА ХРАНА – со која го одбележа Светскиот Ден на Храната 16 Октомври. Настанот се случи во холот на училиштето под покровителство на градоначалникот на Општина Гостивар г. Арбен Таравари со чие присуство беа почестени сите гости и присутни.
На наше огромно задоволство и ние бевме поканети и зедовме учество на овој социјален настан со хуманитарно значење, на кои ги прикажавме нашите локални гурмански специјалитети подготвени од рацете на нашите вредни наставнички и други вработени во училиштето – самун (повеќе типови), баница со праз, татлија, к’днки, ораховки, и др. … а на понудата за промоција на прехрамбени продукти од нашето поднебје позитивно се огласија и две претпријатија од прехрамбената индустрија од нашиот град и една локална занаетчиска фурна со што беше збогатена палетата на производи и храна на нашиот штанд во рамките на саемот.
Денешниот настан и нашата посета на с.Чегране во горнополошкиот регион, ја искористивме и како можност за разговор со директорот на училиштето Блерим Амети придружуван од наставничкиот колегиум и секако градоначалникот г. Арбен Тараври и одговорната за образование во Општина Гостивар, г-ѓа Аслиан Снопче за поинтензивна соработка и учество на заеднички проекти и активности подржани и водени од МОН и БРО, а секако и останатите видови можности на заедничко дејствување, се со цел подобрување на меѓуетничката интеграција во општеството и запознавање на нашите локални средини како мост на образовно и културно поврзување.


